
Штипјанецот Зоран Илиев ја продава статуетката од „ Макфест “ со цел да помогне за собирање на парични средства за лекувањето на Леонид Индов.
Тој на својот фејзбук профил објави дека започнува лицитацијата за продажба на статуетката и ќе трае до 2 Март годинава.
„ Инспириран од Владимир Блажев, што многу пати знаел да биде хуман, решив една од двете мои први награди на нашиот најпрестижен фестивал „ Макфест “ во 2017 година, да ја ставам на моите профили за лицитација. Макфест е нешто што има посебна тежина во мојата кариера, но со задоволство би ја заменил за помош каква што во моментот е потребна на нашиот Лео. Почетната цена на лицитацијата за наградата е 12.000 денари. Ајде Македонијо, да се споиме секогаш кога сме си најпотребни.“ – стоеше на фејзбук профилот на Илиев.
Ова претставува надоврзување на синџирот на хумани вредности. Покрај кочанчанецот Благојчо Ѓоргиев кој го продаде скутерот за хендикепиранин лица во вредност од 30.000 денари и ДНК кои ја продадоа својата статуетка добиена на Златна бубамара со вредност од 690.000 денари, сега и Илиев помага во собирањето средства за лекување на младиот Лео.
Инаку, Леонид во изминатите две недели е на лекување во Виена, но за неговите третмани државата не дава финансиска помош.
Лаура Стојанова М-Нет