
Денес во СРЦ “25-Мај” се одигра пријателски натпревар меѓу прволигашите Радовиш и Младост од Богданци, кој заврши со триумф за ланскиот суперлигаш Радовиш со резултат од 28:25.
Радовишани предводени од Љупче Мијалов отворија одлично со серија од 4:0, но потоа и гостинот даде отпор и најпрво се врати резултатски во игра, а потоа и во егал борба.
До крајот на првиот дел се играше гол за гол, Младост направи и два гола предност, а во финишот на првото полувреме Радовиш намали на 12:13.
Во вториот дел избраниците на Мијалов воспоставија контрола над играта и над резултатот и одново имаа плус четири при 22:18.
До крајот на мечот радовишани имаа контрола на самата игра и на резултатот, а конечниот исход во СРЦ “25-Мај” беше 28:25.
Тренерите и на двете екипи им дадоа шанса на сите ракометари со кои располагаа.
Во прволигашкиот плеј-оф и двете екипи ќе водат борба за влез во Суперлигата. Во таа пролетна борба влегуваат и Металург, Бисинов и Јехона како сериозни кандидати.
Александар Ванев, М-Нет