Промена на водоводот и нови тротоарски површини ќе добие главната улица во штипско Ново Село

Главната улица во штипско Ново Село ќе добие промена на водоводната линија, а во овој дел од градот ќе се реши и проблемот со атмосферските води. Ова денеска го истакна градоначалникот, Иван Јорданов, кој направи увид на започнатите активности. Посочи дека ова е само прва фаза од проектот, која ќе заврши во текот на наредните неколку дена.

„Овде започнуваме со активности во прва фаза за промена на водоводната линија, како и решавање на проблемот со атмосферските води на оваа улица. Активностите ќе завршат во наредните неколку дена, а потоа продолжуваме со уредување на тротоарските површини со поставување павер елементи и комплетно поставување заштитни столпчиња за да се овозможи слободно и безбедно движење на пешаците по тротоарските површини“, вели Јорданов.

Во втората фаза од проектот Општината ќе ја подобри и безбедноста на излезот од градот, односно со конзолно решение ќе го продолжи тротоарот и кон градските гробишта. Јорданов вели дека на овој начин со тротарските површини прво ќе се подобри изгледот на излезот од градот, а секако ќе биде поголема и функционалноста и безбедноста.

„Следната фаза е подобрување на безбедноста на пешаците коишто пешачат пред самата клисура, на излезот од градот, каде што завршува тротоарот до ДСУ „Искра“, што е еден непристапен и небезбеден дел. Не може да се изврши проширување, па ќе мора со конзолно решение да се направат дополнителни тротоарски површини за да може пешаците коишто минуваат да бидат побезбедни“, додаде Јорданов.

Со подобрувањето на временските услови, сите активности ќе се интензивираат, рече Јорданов. На асфалтирањето на улици, уредувањето на тротоарските површини, катните гаражи, конзолите на река Отиња ќе се работи со засилено темпо. Вкупната инвестиција на Општината за реализација на овие активности коишто се одвиваат во две фази е нешто повеќе од 3 милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет