
Политиката ги скара и пензионерите. На последната средба во Кавадарци, пензионерите се поделија, дел од нив остануваат како што велат да се борат за линеарно покачување на пенизиите, додека друг дел чекаат пратеничко место. Трајче Станојков, претседател на ИО Свети Николе вели дека тие заедно со пензионерите од Виница, Пробиштип и неколку други града од државата на улица ќе се борат до крај за нивните права. Кочанското здружение на пензионери, пензионерите од Македонска Каменица, Неготино и Кавадарци ќе чекаат претеничко место вели Станојков.
„Ние со тоа како пензионери не се сложуваме и затоа им кажавме нека им е со среќа, нека продолжат политички да дејствуваат ние остануваме на маргините на тој проект односно агендата да ги браниме интересите на пензионерите со линеарно покачување на пензијата.“ – вели Станојков.
Поделените пензионери на нова средба ќе одлучуваат и за ново раководство. Станојков вели дека Угриновски веќе за нив не е претседател, а тие ќе функционираат само со потпретеседател и еден координатор. Очекуваат и дел од останатите здруженија да им се придружат и заеднички да се борат за нивните права.
„Се поделивме и го разрешивме Драган Угриновски како претседател. Ние ќе имаме нов состанок на тие кои сакаат да ни се придружат, ќе избереме ново раководство кое ќе биде без претседстел, само со потпредседатели и еден координатор и на таков начин ќе делуваме.“ – додава Станојков.
Станојков потенцираше дека се чека изјаснување од пензионерите од Штип и Делчево за да се знае дали продолжуваат да се борат за нивните права или пак влегуваат во политика.
Лаура Стојанова М-Нет