Мултимедијален настан во штипската Библиотека по повод 152 години од раѓањето на Гоце Делчев

Со мултимедијален настан штипската Библиотека одбележа 152 години од раѓањето на својот патрон, револуционерот Гоце Делчев. Настанот се состоеше од литературно читање, рецитали, беседи за Гоце и музички точки, во кои беа вклучени ученици од основни и средни училишта од Штип, како и од штипскиот Универзитет и Центарот „Порака“. Директорот, Тамер Јамаковски, вели дека Библиотеката ги одбележува сите вакви важни настани за нив како инстиуција, особено оние кои се поврзани со ликот и делото на Гоце Делчев, чие име го носи Библиотеката.

„Денеска НУ-УБ „Гоце Делчев“ го чествува роденденот на нашиот патрон – 152 години од раѓањето на Гоце Делчев. Токму по тој повод ние денеска успеавме да ги собереме на едно место сите чинители коишто го носат името Гоце Делчев, односно имаме ученици од Основното училиште, од Гимназијата, од Музичкото училиште и студенти – претставници од Универзитетот „Гоце Делчев“, така што денеска ние ќе се претставиме со еден литературен, музички перформанс во којшто свој придонес ќе дадат и учениците од училиштето „Искра“ и од ЦПЛИП „Порака““, вели директорот Јамаковски.

По овој повод се укажа почит за борбата на Гоце Делчев за нашата слобода и преку Изложба за неговото учителствување и дејствување во Штип. Јамаковски го потенцираше фактот дека денес ја живееме слободата зашто револуционери како Гоце Делчев се погрижиле за тоа.

„Многу важно е одбележувањето на ваквите настани, особено поради тоа што ние како држава треба да се гордееме со синовите коишто ги родила оваа Мајка Македонија и токму заради тоа не само денеска, туку секој ден ние го славиме и прославуваме името на Гоце Делчев, но и на сите слични револуционери коишто го дале својот живот за да ние денеска ја живееме слободата. Јас овде би завршил со зборовите на римскиот император Марко Аврелиј: „Секој човек умира, но важно е како ќе живее“. И токму заради тоа ние сме овде да го чествуваме животот на Гоце Делчев којшто толку направи за нас – Македонците“, додава Јамаковски.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година, а со Штип особено го поврзува учителствувањето во штипско Ново Село. Вчера по овој повод на споменикот на великанот на македонската борба за слобода, кој се наоѓа во дворот на Црквата во Ново Село, беше положено и свежо цвеќе од страна на повеќе чинители во општествената заедница.

Ребека Спасова М-Нет