
Пет случаи на салмонела кај дечиња од беровската градинка потврди кочанскиот Центар за јавно здравје. Во оваа бројка се вклучени и двата случаи кои први беа утврдени кај дечиња од оваа установа, а од претходно земените мостри потврдени се уште три случаи. Веќе е извршен инспекциски надзор и се земени мостри од одредени локации и одредени лица, вели директорот на кочанскиот Центар за јавно здравје, Гоце Серафимов.
„Официјално ние имаме утврдено два случаи кај кои почнавме постапка, бидејќи минимум два случаи се потребни за да почнеме постапка за утврдување причинител. Пред некој ден бевме во комбиниран инспекциски надзор во Берово каде што на одредени локации се земени мостри и од одредени лица се земени мостри“, вели Серафимов.
Серафимов вели дека во моментов се чекаат анализите од направените истражувања и земените мостри. Дали децата заболеле од бактеријата салмонела во градинката, ќе треба да утврдат резултатите кои ќе бидат објавени најдоцна до утре. Во меѓувреме од Општина Берово велат дека немаат надлежност во овој дел од постапката. И градоначалникот Пекевски вели дека ги очекуваат анализите за да увидат дали заразата е од детската градинка.
„Врз основа на тоа, бидејќи, нели, имавме два случаи, постапката се проширува. Сега имаме пет, со тоа што во зависност од тоа што ќе покажат мострите, нашиот епидемиолог ќе утврди дали има потреба да се бара некое друго жариште или, евентуално, да се бара друга локација на жариштето“, додава Серафимов.
На социјалните мрежи јавноста веќе негодува за податоците кои се објавуваат. Во врска со информациите дека повеќе дечиња од Берово се заболени и се борат со бактеријата салмонела, голем број граѓани се револтирани што со инспекциските контроли сѐ уште не се утврдува присуството на бактеријата во кујната на градинката. Кујната во детската градинка е затворена, но граѓаните реагираат дека ова е направено предоцна.
Ребека Спасова М-Нет