
Последната фаза од проектот за конзоли на река Отиња во штипското централно градско подрачје треба значително да го подобри сообраќајот, но и изгледот на градот. Поголема функционалност ќе има и со изградбата на кружниот тек на крстосницата под паркот Кртеке од каде улицата до Основниот суд ќе стане двонасочна. Денеска започнаа активностите во овој дел од градот, кои градоначалникот Јорданов очекува да траат во наредните неколку недели. Тој посочи дека на конзоли ќе се работи паралелно и од другата страна на реката.
„Ова коешто ќе биде завршено ќе овозможи да се регулира паркирањето во централното градско подрачје. Сакам да најавам и дека ќе има измена на сообраќајниот режим, односно на движењето на возилата на еден друг дел со почеток на изградба на кружен тек кај паркот Кртеке. Со овие активности сметаме дека ќе се подобри функционалноста на двете сообраќајници во градот. Очекувам во наредните денови да се интензивираат активностите со засилена динамика за да можеме да ги реализираме и другите активности во центарот на градот“, вели Јорданов.
Но за да може да има двонасочен сообраќај на улицата од Основниот суд до новиот кружен тек, ќе мора да се зголеми и бројот на паркинг-позиции. Јорданов вели дека веќе се определени три локации со што нема да се намалат можностите за паркирање, ниту ќе се создава метеж во сообраќајот.
„Веќе се предвидени три локации каде што ќе има зголемување на паркинг-површините. Едната е пред Основниот суд, другата е кај пазарот кој се наоѓа кај Здравствениот дом и третата е кај Седумте кули коишто ќе добијат проширување за да можат жителите да се паркираат на овие површини“, додава Јорданов.
Градоначалникот посочи дека со завршување на проектот за конзолите ќе може да се работи и на другите проекти, меѓу кои се катните гаражи. Тековно се работи и на осветлување на кејот на река Отиња. Буџетските средства за реализација на последната фаза од конзолите на река Отиња се во висина од десет милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет