
Со 50 ученика помалку започнува второто полугодие од учебната година на територија на Општина Штип. 26 средношколци и 24 основци пријавиле дека заминуваат од државата и дека не ја продолжуваат учебната 2023/24 година. Бројката загрижува, велат од секторот образование при општината, и за жал ова станува тренд секоја година. Дополнителни отсуства се забележени во ООУ „Гоце Делчев“, ама се уште е непознато поради кои причини децата не се на настава.
„Почетокот на второто полугодие покажува дека најголем број од децата се на настава. Ама имам и податоци за деца кои отсуствуваат односно кои веќе нема да одат на настава. Во средните училишта имаме 26 уленика кои пријавиле дека заминуваат, а во основните 24 ученика. Значи на ниво на општина тоа се 50 ученика кои веќе нема да посетуваат настава. Од ООУ „Гоце Делчев“ имаме пријавено отсуство но се уште родителите не образложиле зошто не одат на настава и тој број е 35 ученика„ – вели Санева.
Кога се во прашање условите за настава, Санева вели дека тие се оптимални, училниците се топли и наставата може да се одвива нормално. Дополнително нема проблеми со јавниот превоз и пристапноста до училиштата па сите деца нормално може да дојдат и да си заминат од училиште.
„Достапноста до училиштата е сосема оптимална, секој ученик може да дојде до училиштето. Условите за наства се нормални, има затоплување“ – додава Санева.
Инаку, средношколците и основците беа на тринеделен зимски распуст, а за првпат оваа учебна година ќе имаат уште еден, пролетен одмор, кој ќе трае од 29 април до 6 мај 2024.
Ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17 јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17 јуни. МОН ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование.
Лаура Стојанова М-Нет