
В недела, на 14 јануари, во делчевското село Ѕвегор ќе се случи традиционалната Ѕвегорска сурова. Во својата автентична форма настанот е поврзан со безброј поединости и специфики според кои може да се вброи меѓу најоригиналните живи нематеријални духовни обележја на народот кој живее на овој простор. Повеќе од педесет маски и годинава ќе влегуваат во сите куќи, каде домаќините ќе ги пречекаат со подароци и ќе им упатат благослови, а со тоа ќе се означи доаѓањето на новата година.
„Главната маска е невестата која е покриена и ја чуваат стражари кои носат дрвени мечеви и ја штитат невестата да не ја откријат посетителите Ѕвегорска сурова. Се посетуваат сите куќи, домаќините ги пречекуваат со топли напитоци со т.н. црвеник баница и ги даруваат со паричка, им посакуваат здравје, напредок и тоа е во текот на целиот ден“, вели Новоселски.
Манифестацијата започнува рано наутро, кога секој жител станува и растресува метални пари за новата година да биде богата. И понатамошните обичаи се проследени со желба за радосен живот на жителите од делото. Сите учесници во карневалот се познати под името суроваскари, кои водат посебна грижа ниту едно семејство да не биде прескокнато. Се мисли дека тие носат среќа, радост и напредок во секое домаќинство.
„Ги покануваат сите на заедничка вечера со веселба и песна којашто по цел ден ечи по селото. Тоа останало традиција вековна“, додава Новоселски.
По откривањето на невестата во доцните вечерни часови, учесниците во манифестацијата го бираат и новиот кум, кој има задача да биде главен организатор следната година. Иако под маска се околу 60 до 70 луѓе, сепак за карневалот кој се одржува повеќе од еден век доаѓаат и од 500, па и до 1000 посетители кои се дел од оваа вековна традиција.
Ребека Спасова М-Нет