Кривична пријава за сопственикот на свињарската фарма, не го почитувал Законот за безбедност и здравје при работа

Кривична пријава за сопственикот на фармата во која почина еден работник, а другиот е со оштетување на мозокот. Државниот инспектора за труд (ДИТ) ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, каде на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45 годишен работник, а неговиот 53 годишен колега кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот. Директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска вели дека по извршениот надзор, ја има утврдено фактичката состојба, а од она што е утврдено работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а коишто се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.

„Работодавачот не ги презел потребните мерки безбедносни во делот на спроведувањето на робтните обврски од страна на работниците, а кои се однесуваат на Закон за безбедност и здравје при работа. Дозволил пристап на ангажираните работници на работни места, на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа истите да добијат посебни упатства за работа. Самото место на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а какошто кажав и во претходната изјава работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита, вели Томовска.

Јавниот обвинител, кога ќе ја добие кривичната пријава од ДИТ ќе ја одредени квалификацијата на делото и врз основа на тоа ќе се знае колкава ќе биде казната за работодавачот. Томовска вели дека сега обвинителот треба да утврди дали постои кривичното дело, а потоа во судска постапка се одредува казната за сторителот. Претходно беше истакнато дека починатиот работник ја отворил решетката која ги поврзува халата со дупката. Тој се симнал во дупката, за да го провери шиберот, кој го повлекува течното ѓубриво од халата, кон дупката, каде е починал, а неговиот 53 годишен колега кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот и е хоспитализиран на Клиниките во Скопје.

Лаура Стојанова М-Нет