
„Вашата нарачка подлежи на царина, ве молиме одете на следниот линк за повторна испорака“ е текстот што стои во СМС пораката што деновиве ја добиваат корисници во Македонија, а каде е наведен линк на кој се бара од корисникот да внесе лични и финансиски податоци.
Граѓани на социјалните мрежи сведочат дека на ваков начин им биле одземени по 500-600, па дури и до 850 евра. Многумина од нив чекале нарачки преку Али експрес и поверувале во пораката која гласела дека треба да уплатат царина за да ја добијат нивната нарачка. Линкот од пораката ве води до место каде што ви бараат да ги оставите вашите лични податоци како име, презиме и број на трансакциската сметка од каде измамниците ќе ви одземат пари. Ако претходно вакви пораки доаѓаа од азиски држави (како Виетнам и Малезија) сега префиксот на дојдовната порака е +33 што е повикувачки број за Франција.
Глобалните финансиски измами преку телефон, повторно се актуелни во Македонија. Во последните неколку месеци се случија десетина вакви напади, по што измамени и финансиски оштетени беа стотици граѓани во Македонија.
И за време на празничните денови, на одредени телефонски броеви, стигнуваат СМС пораки за наводни нарачки. Ако добиете ваква или слична порака, дури и ако чекате пратка од странство, не го отворајте линкот и веднаш блокирајте го телефонскиот број.