
Осми ноември е првата населба во Штип во која од утре започнуваат активностите од пилот проектот за менаџирање со отпад. Проектот подразбира воспоставување добри практики и позитивни навики кај граѓаните со тоа што тие самите пред исфрлањето на отпадот од домаќинствата ќе вршат селекција, на пример на картонот и пластиката, а потоа и ќе ги одлагаат во посебни контејнери. Директорот, Кирил Зајков, вели дека ова е во насока на подигање на свеста кај граѓаните со цел да се создава што помалку отпад.
„Во соработка со граѓаните, ние ќе воведеме систем на примарна селекција, што би значело намалување на сметките за подигање на смет од страна на Јавното претпријатие, а од друга страна би значело почиста и подобра средина за сите нас кои живееме во општина Штип. Ние мораме да работиме заеднички со граѓаните за подигање на свеста кај сите нас. Тоа значи дека ние ќе започнеме активности и кампањско објавување за подигање на свеста во однос на менаџирањето со отпадот“, вели Зајков.
Дополнително, ова ќе значи и зачестено собирање на сметот од страна на екипите на Јавното претпријатие, повеќепати во текот на денот, а кај граѓаните треба да предизивка тие сметот да го исфлаат најмногу еден час пред собирањето. Тоа ќе придонесе да нема полни контејнери во текот на целиот ден.
„Доколку ја воведеме успешно примарната селекција во населбата Осми ноември и потоа како модел со сите предности и маани го спроведеме во целата општина Штип, тоа ќе значи дека ние како општина ќе генерираме помал волумен на отпад, бидејќи примарната селекција значи дека во комуналниот отпад треба да се издвојат оние фракции коишто имаат употребна и економска вредност и нема да завршуваат на депонијата, туку ќе се појави интерес од страна на оператори кои овој вид отпад би го собирале, а тоа за граѓаните ќе значи одредена финансиска придобивка за намалување на трошоците“, додава Зајков.
Зајков вели оти Јавното претпријатие не сака на граѓаните да им наметнува нешто како обврска, туку тие самите да се насочат кон одржување чиста средина за нив самите.
„Ние заеднички со граѓаните сакаме да ги менуваме секојдневните наши навики, бидејќи лошите навики на одредени поединци кои живеат во општина Штип претставуваат финансиска штета за Јавното претпријатие, но значат и нечиста средина во која живееме, значат и неудобно функционирање на секојдневна основа“, додава Зајков.
Примарната селекција е законска обврска, вели Зајков. Првиот чекор секогаш треба да почне од местата каде се создава, на пример домот, канцеларијата… Селектирањето е од есенцијална важност и е предуслов за рециклирање или реупотреба на отпадните материјали.
Ребека Спасова М-Нет