Природно произведени лешници и јапонски јаболка продава Добринка од с. Теранци

Јапонско јаболко и лешници вчера на штипскиот пазар продаваше Добринка Цветкова од село Теранци. Вели оти производство има, а квалитетот е врвен. Лешникот бара многу вода, но и многу работа. Цветкова вели дека е пензионерка, но сака да работи и да произведува. Вели оти да се биде земјоделец се исплаќа за оној кој сака да работи.

„Има, има, ниту се прскат, само да се вадат. А лешниците сакаат многу вода, они се слатки и се убави. Продавам и лешници, продавам и јапонски јаболка, јајца, јаболка, сѐ имам. Имам јас еден декар место, таму имам јагоди, малини, капини. Кој работи има, кој не работи нема“, посочува Добринка.

И јапонските јаболка, вели таа, лесно се одгледуваат. Нутритивно се вредни и содржат голема количина хранливи материи. Особено се корисни периодов, зашто го подобруваат имунитетот и нервниот систем и му помагаат на организмот да се заштити од разни инфекции.

„Она раѓа секоја година и тоа не се ни прска, чисто природно, само да го набереш. Сѐ е убаво, сѐ е природно, ништо не се прска, ниту пипер, ниту патлиџани. Јаболките ги прскам пред цветот и потоа уште еднаш и веќе не прскам ништо. Јас сѐ природно произведувам“, вели Добринка.

Добринка е многу ретко на пазарот во Штип, вели дека почесто оди во Кочани и Облешево, а производите сегде се барани. Лешниците ги продава по цена од 100 денари, а јапонските јаболка 40 денари за килограм. Свесна е дека може да се најдат и по пониска цена, но цената, вели таа, зависи од квалитетот.

„Јас не доаѓам често тука, одам на пазар во Облешево и во Кочани. Доаѓаат луѓе од дома ми купуваат, дома продавам. Во Облешево ги бараат и во Кочани, вчера однесов четири гајби јапонски јаболка и ги продадов за еден саат. Луѓето ги продаваат и поевтино, а моите производи знаат какви се и веднаш ги купуваат“, додава Добринка.

Периодов освен лешници и јапонски јаболка, има и орев, кој вели дека го одгледува само за сопствени потреби. Цветкова ја пренесува пораката дека резултат ќе има само со многу работа.

Ребека Спасова М-Нет