
Фотографиите и видеата кои вчера до нас ги испратија граѓани на Штип се само уште една прилика за повторно да се постави прашањето – кога и дали Штип ќе го речи проблемот со непрописно паркирање? Во случајов возилото без регистарски таблички е паркирано на место, на кое претходно штипјани многу често се паркираа, но таму сега се поставени заштитни столпчиња токму за да се спречи паркирањето на возила. Граѓаните реагираат дека вака возилото останало неколку дена, а денеска не беше на посочената локација. Јавното претпријатие „Стипион“ во соработка со полицијата почна да поставува блокатори и на непрописно паркирани возила. Директорот, Панче Стефановски, посочи дека таквите акции ќе продолжат, но колку тие акции даваат резултат?
„Ние немаме ингеренции да ги блокираме возилата сами, туку само со асистенција на полицијата. Тоа значи дека во случајов немаме право ургентно да одговориме на реакциите на граѓаните, мора да се пријави во полиција или, пак, ние да иницираме акција и да чекаме на полициска интервенција, зашто полицијата го има последниот збор. Во блиско минато ние имавме ваква акција во близина на посочената локација, зад училиштето „Ванчо Прке“. Апелирам граѓаните да не се паркираат непрописно, на позиции кои не се за таа намена, но апелирам и полицијата да биде поактивна и да ги санкционира непрописно паркираните возила.“ – рече Стефановски во телефонски разговор за Телевизија М-Нет.
Јавното претпријатие „Стипион“ поставуваше блокатори, а полицијата ги казнуваше и оние кои се паркираа на автобуските постојки, зашто немаа ефект апелите постојките да се расчистат за нормално одвивање на општинскиот линиски превоз. Со казни кои се резултат на ова се полни билтените на СВР Штип, но и од двете институции останува апелот граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да се однесуваат поодговорно во сообраќајот.
Ребека Спасова М-Нет