Претставата „Писмото на Снеже“ утревечер ќе се одигра премиерно, а в сабота репризно во Штип

Детската претстава „Писмото на Снеже“ утревечер премиерно ќе се изведе на сцената на штипскиот Дом на култура. Работена е по текст на Трајче Кацаров, под чие раководство е и Драмското студио „Бронзена наметка“. Кацаров вели дека пораката на Претставата е дека децата треба да живеат во својот детски свет, а возрасните да ги поттикнуваат кон вистинските вредности.

„Очигледно е дека се наоѓаме пред Новата година и, како и секогаш во овој период, се јавуваат многу желби, особено кај децата. Желби има толку многу, колку што има и ѕвезди на ведро ноќно небо. Една од тие желби е и желбата на Снеже, која е толку искрена, толку топла, желба на секое осамено дете кое бара родителите да се покрај неа и да го следат нејзиниот раст. Она што е порака преку оваа претстава, што сакаме да ги поттикнеме оние коишто ќе бидат присутни и ќе можат да бидат рецептори на истата е дека децата треба секогаш да се со некого, всушност со своите најблиски“, вели Кацаров.

Директорот на штипскиот Центар за култура, Горан Трајков, вели дека целта е драмската култура повторно да се воспостави во рамки на оваа институција, а со тоа и да се оформат идни драмски професионалци.

„Идејата да се заживее и оживее ова Драмско студио тлее, можеби, повеќе од две години, но со овој проект веќе се зафаќаме посериозно, затоа што мислиме дека низ годините кога бил формиран Центарот за култура и Драмското студио кое работело во склоп на него има освоено многубројни награди и сакаме да го интегрираме пак. Се претставуваме аматерски, но градиме и идни професионалци“, вели Трајков.

И како што бидува на крај, во претставата Дедо Мраз ја исполнува желбата на Снеже. Актерите кои се дел од ова драмско дело ја носат публиката низ возбудливо новогодишно патување, кое утревечер премиерно, а в сабота репризно, ќе биде достапно за штипската публика.

Ребека Спасова М-Нет