Бојан Круљ од Србија нов шеф на стручниот штаб на Брера Струмица

Управата на прволигашот АП Брера Струмица за шеф на стручниот штаб го именуваше Бојан Круљ од Србија откако претходно спогодбено се раздели со италијанскиот стратег Валенти. Круљ има 36 години и е млад и перспективен тренер. Има искуство во работата со млади категории во белградски Вождовац и Синѓелиќ, а како асистент тренер во сениорски тимови има работени во српските прволигаши Инџија и Вождовац.

Бојан Круљ како шеф на стручниот штаб ја предводеше екипата на ИМТ од Белград со која оствари одлични резултати и влезе во бараж за пласман во Супер лигата на Србија каде денес настапува овој клуб, додека во Босна го предводеше тимот на Рудар од Приедор со кој на почетокот на оваа сезона направи одлична серија од 6 победи и две нерешени натпревари и го стави клубот на првото место во Првата лига на Република Српска.

Круљ е еден од најперспективните млади тренери од Србија кој и покрај поканите од други клубови, сепак се одлучи за Брера Струмица како еден од најбрзо растечките фудбалски проекти во регионот.

„Моите први впечатоци се одлични. Она што беше привлечно за мене беше мултинационалниот проект „Брера“ што Горан ми го презентираше и тоа ме привлече да дојдам во македонскиот фудбалот и да оствариме добри резултати. Во разговор со претседателот на клубот Горан Пандев, целта ни е да се обезбеди подобар пласман на табелата. Екипата има потенцијал но она што е важно дека мора да играме натпреварувачки и да остваруваме и добри резултати. Имаме план за нови засилувања кои се потребни за следната сезона“, рече во првата своја изјава Бојан Круљ.

Прв соработник на Круљ ќе биде Душан Дошљак тренер кој соработуваше со негов во претходните два ангажмани во ИМТ и Рудар. После паузата веднаш по Новогодишните празници Круљ ќе ја има првата прозивка со што ќе почнат подготовките за вториот дел од сезоната, а истите ќе се реализираат во Струмица и Анталија, Турција.