
„Темелот на македонското борење“ или традиционалното спортско дружење на борачи-ветерани се одржа вчеравечер во Штип. На настанот кој е во организација на Здружението на борачи-ветерани на Македонија, присуствуваа повеќе гости од регионот и цела Македонија, а меѓу 150 присутни гости беа и општествено и политички активни личности.
„Се организира традиционална средба, спортски настан, спортско сеќавање на постарите борачи, оние се вкорениле во корењето на борењето, затоа и имаме едно такво име „Темелот на македонското борење“. На наша чест ќе имаме гости од цела Македонија, значи домаќините Штип, Радовиш, Струмица, Неготино, Велес, Прилеп итн. Ќе имаме околу 150 лица, очекуваме и општествено-политички личности“, вели Трајче Димков.
Настанот беше пред сѐ за афирмација на постигнувањата на борачите-ветерани, а присуствуваа многу значајни личности за македонското борење, такви кои го воспоставиле, но и такви кои го одржале борењето до ден-денес.
„Тука се неизбежните Зоран Шоров, Шабан Трстена, Ванчо Чифлиганец, тоа се луѓе кои се вложиле и дале многу за борењето. Ние како семејство сме комплетни, некои и починаа, но ние го имаме и првиот борач, ќе дадеме денес признание на Ристе Таков, но и на Ристе Нишов, тие се двајцата кои се вградиле и почетокот е од нив. Тука е еден Ангел Мицев од Велес, имаме сериозно добра и квалитетна екипа борачи“, додава Димков.
Средбата беше конципирана во добро расположение со добра забава, споменување на сите успеси и настапи кои ги имале борачите-ветерани. Димков посочи дека борачите и покрај тоа што знаат да се борат, знаат и да уживаат во културно-забавна програма.
Ребека Спасова М-Нет