
Околу 9000 вакцини против сезонски грип се обезбедени во Истокот од државата. Вакцини има доволно согласни се од центрите за јавно здравје. Во Штип, Радовиш и Пробиштип до сега имало на располагање 3200 вакцини, а боцнати се околу 3100 граѓани. Само 2000 илјади граѓани примиле вакцина против сезонски грип во Штип. Од тамошниот Центар за јавно здравје велат дека дотур на вакцини има постојано, а наредниот се очекува да биде во месец декември. Моментално има и комерцијални вакцини кои се достапни за сите граѓани и чинат 700 денари.
На ниво на државата согласно податоците од Министерството за здравство 50 илјади граѓани примиле вакцина против сезонски грип, а 59 илјади граѓани аплицирале за бесплатна вакцинација.
„Во центрите за јавно здравје и здравствените домови континуирано се врши имунизација против сезонски грип, а со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.“ – посочија и денеска од МЗ.
Над пет илјади вакцини се обезбедени и во кочанскиот центар за јавно здравје. Од таму посочуваат дека вакцините се безбедни и дека на тој начин се зголемува борбата против грипот.
Заинтересираните граѓани можат да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница, a потоа преку смс порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација. Годинава, Министерството за здравство ја зголеми количината на купени вакцини, при што се купени 60.000 дози четиривалентни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација.
Лаура Стојанова М-Нет