Брегалница со играч помалку до бод против Шкендија во Штип

фото: архива

Денес на Градскиот стадион во Штип се одигра воведниот натпревар од 15. коло од Првата македонска фудбалска лига меѓу Брегалница и Шкендија, натпревар кој заврши без победник и со поделба на бодовите, откако одиграа реми со по два гола (2:2).

Храбар и важен бод за штипските „сини“ кој со играч помалку постигнаа гол и обезбедија важен бод во борбата за бегство од долниот дел на табелата.

Шкендија преку Дашмир Елези во 23. минута прва стигна до водство во Штип од 0:1, резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел Виктор Велкоски израмни на 1:1 и ја врати Брегалница во борбата за трите бодови. Сепак, гостинот од Тетово брзо дојде до ново водство откако во 68. минута Аганспахич постигна гол за 1:2. Во 73. минута Робакидзе поради втор жолт картон беше исклучен од игра со што Брегалница до крајот беше со играч помалку.

Во финишот со играч помалку Брегалница преку Ѓорѓи Ѓорѓиев дојде до конечните 2:2, а имаше и неколку шанси во финишот кој не ги реализираше за пресврт.

Колото ќе биде комплетирано утре со останатите пет натпревари. Во Кратово ќе играат Силекс и Вардар, Шкупи и Македонија ЃП ја играат скопската пресметка, Работнички ќе биде домаќин на Гостивар, Тиквеш ќе ја пречека Брера Струмица, а пак Струга Трим Лум и Воска Спорт играат езерско дерби.