
Раководството на штипска Брегалница ги демантира информациите кои беа пласирани во јавноста преку фан страници на социјалните мрежи дека клубот повеќе од два месеци им должи плати на фудбалерите и стручниот штаб.
Извршниот директор на штипскиот прволигаш, Емил Тодев, преку изјава за клупскиот сајт ги демантираше овие информации, односно потенцираше дека информациите кои беа пласирани во јавноста се невистини и кои се со намера единствено да креираат погрешна слика за ситуацијата во клубот пред јавноста.
“Во текот на денот, некои погрешно информирани фан страни, кои (не)намерно сакат да креираат погрешна слика за ситуацијата во клубот пред јавноста, пласираа информации дека во ФК Брегалница не се исплатени плати на играчите. Информациите се целосно НЕВИСТИНИТИ и обврските спрема фудбалерите во ФК Брегалница се целосно и комплетно подмирени. Не ја разбирам потребата од пласирање на не проверени шпекулации од страна на “фан” страни, кои всушност се декларираат како поддржувачи на клубот. Не е прв пат вакви квази информации од ваков тип на “фан” страници да се пласираат во фудбалската јавност во Штип” – изјави извршниот директор на ФК Брегалница Емил Тодев