Подготвени и мотивирани се членовите на КК Штип за Балканското и Европското првенство

Душица Бреслиева, Драгана Ефтимовска и Мила Штериева, членки на Карате клубот – Штип викендов заминуваат на Балканското првенство во Љубљана, Република Словенија. Нивниот тренер, Жарко Арсовски, вели дека се доста подготвени благодарение на тренинзите на кои биле силно мотивирани. Карате клубот се надева на одлични резултати од Словенија, потенцирајќи дека станува збор за исклучително успешни каратистки.

„Тие се одлично подготвени, се подготвуваме во нашиот град, во нашиот клуб. Тренираат двапати на ден, морам да кажам дека беа доста пожртвувани. Ова е големо првенство за нив, одлично се спремни, се надеваме на голем успех. Драгана Ефтимовска минатата година беше балкански шампион, Душица Бреслиева е една од помладите која освои учество на Европско првенство, а исто така досега била многупати државен шампион, од неа исто така се очекува голем успех. Мила Штериева е, секако, меѓу првите три во Македонија и таа е многу подготвена. Сите три се доста подготвени и имаат многу успеси“, истакна Жарко Арсовски, тренер во Карате клуб – Штип.

Ова ќе биде и тест-натпревар за Душица Бреслиева, која заедно со Љупче Михајлов од истиот клуб избори пласман на Европското првенство во Грузија, кое ќе се одржи во февруари. Љупче и Душица беа многу доминантни на Државното првенство, ги декласираа противниците и немаат ниту еден изгубен поен. Душица за првпат ќе учествува на Европското првенство, а Љупче веќе има бронзен медал од Европско, но во пониска категорија.

„Душица Бреслиева и нејзиниот клубски другар Љупче Михајлов освоија норма за настап на Европското првенство во Грузија. Љупче Михајлов на Балканското првенство нема да настапи, затоа што го очекува на 7 декември настап на Светската младинска лига во Венеција, па затоа распоредот ќе му биде пренатрупан и решивме да не настапи на ова Балканско првенство. Тоа еден циклус за нив којшто го одредивме со контролни натпревари, со подготовки“, додава Арсовски.

Арсовски вели дека спортистите и нивната максимална подготвеност за претстојните натпревари се најважни за Клубот, натпреварувачката клима е одлична, а натпреварувачкиот дух е на високо ниво. Токму затоа Арсовски е голем оптимист за двете првенства.

Ребека Спасова М-Нет