
Советничката група на СДСМ во штипскиот Совет и официјално ја поднесе претставката до Државната комисија за спречување корупција. Повикуваат Комисијата да отвори предмет за скандалот наречен „кумска врска“ и да утврди, како што велат, како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на семејно-кумските врски во општина Штип.
„Како што најавивме денеска, советничката група на СДСМ од Општина Штип поднесе претставка до ДКСК за скандалот „кумска врска“. Очекуваме во рамките на своите надлежности Државната комисија за спречување на корупција да постапи, да го истражи скандалот и да утврди дали постои судир на интереси“, истакна Трајче Стојчевски, советник во Советот на Општина Штип.
Повторно посочија дека постои основен сомнеж за судир на интереси, бидејќи сопствениците на спорната фирма која добила на тендер се во роднинска врска со член на Управниот одбор, кој, пак, е кумашин на градоначалникот.
„Јавноста е запознаена за овој скандал што ја тресе општина Штип, предводена од градоначлникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, тендер вреден 20.000 евра е доделен од страна ЈП „Исар“ на фирма чии сопственици се во роднинска врска со член на Управниот одбор на ЈП „Исар“, Методи Јорданов, поточно нивен зет. Дополнително, освен тоа што е во роднинска врска со сопствениците на фирмата, Методи е кумашин токму на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов“, додава Стојчевски.
Градоначалникот, Иван Јорданов, претходно посочи дека пријави треба да поднесат и за други случаи, а денеска повторно ги охрабри да го сторат тоа.
„Во исто време ги охрабрувам: да поднесат пријава за сопругата на Јане Миланов, зашто се уште ги нема вратено украдените пари од касата на Физикална терапија, дело за кое е условно осудена, и како неговата ќерка е поставена за управител во Црвен крст – Штип, да поднесат пријава за семејството Бочварски кое добива тендери, гради станбени згради и произведува струја, да поднесат пријава за сопругата на директорот на Затвор – Штип, Мики Тодоров, која е поставена раководител на сектор во УЈП Штип, да поднесат пријава за Никола Тушев поставен како началник на инспекција во УЈП Штип како зет на министерот Бојан Маричиќ.“ – вели Јорданов во писмено соопштение.
Ребека Спасова М-Нет