Во средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип од денеска за учениците има нова фитнес сала

Нова опремена фитнес сала од денеска им е на располагање на учениците од СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип. Направите кои ги набави училиштето треба да придонесат во подобрувањето на квалитетот на наставата по Спорт и спортски активности, но и да го градат спортскиот дух кај учениците, вели директорката на училиштето, Јованка Шалева.

„Денес во СОУ „Коле Нехтенин“ и официјално ја пуштаме во употреба новата фитнес сала или теретана за учениците. Целта на овој проект беше да ги анимираме учениците, да се збогати часот по Спорт и спортски активности, да го негуваат спортскиот дух, да сакаат да вежбаат, да се анимираат, бидејќи знаеме дека спортот ги воспитува, ги дисциплинира и ги поттикнува позитивните навики кај нив“, вели Шалева.

Новите фитнес направи се набавени со средства кои училиштето ги добива по основ на искористување на спортската сала.

„Идејата беше средствата коишто ги добиваме наменски од искористување на спортската сала да ги искористиме за збогатување на часот по спорт и спортски активности“, додава Шалева.

Дека ваквиот проект ќе даде позитивен ефект, потврдуваат и професорите и учениците, кои денеска за првпат имаа можност да ја искористат фитнес салата.

„Со отворањето на теретаната во СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип се подобруваат условите за часот по Спорт и спортски активности. Ние учениците редовно ќе вежбаме и ќе го негуваме спортскиот дух“, вели еден од учениците.

Станува збор за инвестиција вредна околу 150.000 денари, која, како што вели директорката Шалева, иако е мала, сепак значително придонесува во образованието и воспитувањето на учениците од ова училиште.

Ребека Спасова М-Нет