Промовирани девет доктори на науки во рамки на 22. Митровденски средби во Штип

Промовирани девет доктори на науки во Штип во рамки на 22. Митровденските средби. Од различни области девет доктори на науки кои докторирале во тековната година беа презентирани пред присутните во штипската библиотека „Гоце Делчев“.

„Митровденските средби се традиционални и почнале да се организираат од 2002 година. Идејата е докторите на науки од Штип од 2003 година да добијат една друга димензија“ – вели Џидров.

Од областа на медицината и годинава имаше најголем дел доктори на науки. Се презентираа и од областа на угостителството, образовни и економски науки, културолошки студии. Велат за нив ова преставува мотив да продолжат да создаваат за идните генерации, но и да бидат поттик за младите да чекорат по нивните стапки.

„Мојата докторска дизертација е „Епидемиолошки растројства на депресивни пациенти во психијатриските болници“ . Областа во која е истражувано е клиничка медицина и се опфатени сите клинички податоци односно симптоматологијата, терапијата како и психотераписките методи кои се потребни за лекување.“ – вели Иванов.

Граѓаните кои се стекнале со титула доктори на науки се едни од најзаслужните за развојот на Штип, истакна во денешната прилика градоначалникот Иван Јорданов.

„Чест и задоволство ми е што сум дел од овој настан како градоначалник на град Штип, кој е образоваен центар во Истокот од Македонија. Митровденските средби го потврдуваат тоа. Можеби една од најголемите инвестиции во нашиот град е отворањето на УГД кој е генератор на развојот на градот, а нашите сограѓани кои се стекнале со називот доктори на науки се најзаслужни за тоа“ – вели Јорданов.

Во Штип досега се промовирани 539 доктори на науки, од кои 144 доктори на науки се промовирани на Митровденските средби.

Лаура Стојанова М-Нет