Познати десетте добитници на осмоноемвриските признанија за афирмација на Штип

На десет добитници на Свечената седница на 8 Ноември ќе им бидат доделени осмоноемвриските признанија што Општината ги доделува по повод Денот на ослободувањето. Меѓу нив се луѓе кои придонеле во развојот и афирмирањето на градот. Прва на листата е д-р Светлана Кордумова-Трајанова, а следат тројца професори кои работеле во областите на спортот и музиката, како и развојот и инвестициите на штипскиот Универзитет.

„Д-р Светлана Кордумова Трајанова за исклучителен придонес во афирмирањето на Штип како истражувач, научник, сопственик на „старт-ап“ компанијата „Пиксајл“. Проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за развој и инвестиции на УГД, за исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на Универзитетот и градот, проф. д-р Андон Мајхошев за постигнувања во сферата на образованието, Тоше Митров како музички педагог за исклучителен придонес во развојот на музичката култура“, информираше Кирил Панајотов.

Во областа на здравството, признанието ќе го добие д-р Ванчо Органџиски, на листата се и академски вајар, селекторот на сениорската репрезентација во борење и уште три Здруженија кои ги промовирале волонтерството, балетската култура и културата за јога.

„Прим. д-р Ванчо Органџиски за долгогодишен придонес во областа на здравството, Далибор Николовски – Дачо, академски вајар, автор на споменикот „Св. Кирил и Методиј“ за несебичен придонес и афирмација на уметноста и културата на живеење, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ – Штип за негување на традицијата на акцијаштвото и волонтерската работа, Бобан Данов, селектор на сениорската репрезентација на Македонија во борење – слободен стил, за исклучителен придонес во афирмација на борењето, Центар за балетска уметност „Арабеска“ – Штип за промоција и афирмација на балетската уметност и Јога друштво Штип – Центар за јога наука, за исклучителен придонес и развој на културата за јога“, додава Панајотов.

Советниците денеска едногласно ја донесоа конечната листа, која пред нив се најде по предлозите на Комисијата, а која ги разгледуваше пријавите по Конкурсот. Осмоноемвриската награда се доделува на секои пет години, а признанијата секоја година за тековни активности во изминатата година.

Ребека Спасова М-Нет