На 7 ноември пензионерите на протест во Скопје – одлуката официјална по средбата во Свети Николе

На 7 ноември пензионерите од цела држава масовно излегуваат на протест во Скопје пред Aмбасадите. Ова денеска и официјално беше решено на координативната средба која се одржа во Свети Николе, а на која присуствуваа преставници од сите иницијативни одбори од државата. Велат таму ќе се бара помош и правда за пензионерите со мали примања.

„Денеска се собравме во Свети Николе да одржиме координативна средба со сите иницијативни одбори од државата да се договориме детално за нашиот најавен протест на 7.11.2023 во Скопје, пред амбасадите и пред ЕУ. “ – вели Угриновски.

Пензионерите не се откажуваат од своите барања, велат до крај ќе се борат за да го добијат статусот кој го заслужуваат. И покрај големиот број притисоци остануваат сплотени од цела држава и излегуваат на нов протест.

„Повеќе од сигурно овде не застануваме, нашите протести продолжуваат во сите градови во државата. Едноставно не сме задоволни од нашиот моментален статус и грижата на актуелната власт за пенизонерите особено кога е во прашање нивниот социјален статус. Тешко е, ама ќе истраеме имаме премногу притисоци, ама ние сме сплотени од сите градови во државата и ќе одиме до крај“ – додаде Василевски.

Ако не може да им се покаче пензијата ќе заминат да живеат надовор од државата, оти како што велат со 12 илјади денари не можат да го преживеат месецот.

Пензионерите бараат линеарно покачување на пензиите за 5000 денари како и усогласување на минималните пензии. И денеска повикаа на масовност со цел да може да ги добијат своите барања.

Лаура Стојанова М-Нет