
Пет волонтери ги посетија ромските населби и ја информираа оваа заедница за важноста во однос на грижата за сопственото здравје и здравјето на нивните деца. Во рамки на месецот за подигнување на свеста за ракот на дојката ромските жени беа упатени на здравствени прегледи, а се апелираше и на што поголема вакцинација кај децата со редовните вакцини.
„Во текот на месец октомври започнавме со реализација на кампања за информирање на ромската жена за значењето на времените и редовните гинеколошки прегледи. Исто така и кампања за информирање на ромското население за вакцинација. За оваа кампања ангажиравме пет волонтери, коишто ги посетија сите ромски населби коишто се во општина Штип за да ги информираат во однос на кампањата и важноста и значењето за гинеколошките прегледи, како и за вакцинација на децата“, вели Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците во Општина Штип.
Кампањата опфати повеќе од 70 жени, а изработени се и информативни летоци со цел информирање на ромското население. Кампањата деновиве продолжува и во Берово, бидејќи се спроведува во рамки на проектот „Штип и Берово заедно за подобрување на условите за живот на ромските населби“.
„Можам да кажам дека во општина Штип беа идентификувани над 75 жени коишто во периодот од 16. до 20 октомври реализираа здравствени гинеколошки прегледи. Се направија ПАП-тестови на вкупно 34 жени во нашата општина. Подготвивме и информативни летоци коишто се однесуваат на оваа кампања. Од вчера кампањата продолжи и во општина Берово, прегледите се реализираат и таму, а кампањата ќе трае до петок“, додава Адемов.
Целта на ваквите прегледи, додава Адемов, е да се подигне свеста кај жените во однос на ваквите редовни и навремени прегледи, а исто така и вакцинација на нивните деца во однос на заштитата на нивното здравје.
Ребека Спасова М-Нет