
Две години Иван Јорданов, две години – неспособност, вака од ОО на СДСМ Штип го насловија двегодишниот мандат на штипската локална власт. На денешната прес-конференција посоија дека по две години од преземањето на локалната власт, има само многу нереализирани ветувања, критики кон секого – освен кон себе, многу изговори и манипулативни настапи во јавноста. Посочија на проекти од изборната програма, кои се однесуваат на месноста Мирјанина црква и Бања Кежовица, а кои, според програмата, требало да бидат реализирани во првите две години.
„Две години штипјани сведочат дека проектите на Јорданов останаа само на лист хартија. Очигледно градоначалникот Јорданов ја потценува меморијата на граѓаните, затоа, еве, да потсетиме. Денеска се наоѓаме кај месноста Мирјанина црква, каде што на страна број 11 од изборната програма на Иван Јорданов стои ветување за создавање на ОГРОМЕН ГРАДСКИ ПАРК СО ЕЗЕРА, МЕСТА ЗА СПОРТУВАЊЕ И ОДМОР КАЈ МИРЈАНИНА ЦРКВА И КОНЕЧНО РЕШАВАЊЕ НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА. Овој проект по ветување на Јорданов требаше да биде во првите две години од неговиот мандат. Наместо на реализиран проект денеска сме сведоци на ОГРОМНА ДЕПОНИЈА. ПРОЕКТОТ КОЈШТО ТРЕБАШЕ ДА ВЛИЈАЕ НА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, остана САМО ветување за штипјани“, истакнаа од ОО СДСМ Штип.
Според нив, градоначалникот Иван Јорданов има поважни работи, како што се партиско-кадровските задоволувања, па затоа порачуваат дека честото менување на директорски позиции во локалните институции не го менува фактот дека се, како што велат, најнеспособна локална власт. На ова, пак, во однос на обвинувањата од Кабинетот на градоначалникот само одговорија дека отчет се дава пред граѓаните.
„За работата на Локалната самоуправа единствено релевантно е мислењето на граѓаните, а не на СДС.“ – велат од Кабинетот.
Ребека Спасова М-Нет