
Штипската населба Осми ноември ќе добие реконструкција на тротарските површини. Активностите започнаа од булеварот „ЈНА“, а во овој проект ќе бидат вклучени и други улици од оваа населба. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека сите нови тротарски површини ќе бидат заштитени со столпчиња за да се спречи паркирањето на возилата, а да се зголеми безбедноста на пешаците.
„Во минатото биле оштетени и имаа потреба од реконструкција со поставување павер-елементи. Булеварот „ЈНА“ е фреквентен во населбата Осми ноември, а знаете дека населбата е една од поурбаните, којашто заслужува модерен изглед, реконструкција на веќепостоечката инфраструктура. Повеќе од 3 милиони денари се одвоени за поставување на павер-елементи, но не само на оваа површина, по завршувањето на булеварот „ЈНА“, ќе продолжиме со партерно и хортикултурно уредување на влезовите од станбените згради, ќе се префрлиме и на улицата „Енгелсова““, вели Јорданов.
Во оваа населба, вели Јорданов, ќе се спроведе и пилот-проект за управувањето со комуналниот отпад. Истиот би требало да придонесе и за заштитата на животната средина.
„Заедно со директорот на ЈП „Исар“ предвидуваме и еден пилот-проект за селекција на отпад во оваа населба, што се надевам дека ќе биде пример во нашиот град, затоа што овој пилот-проект ќе има за цел да придонесеме за полесно управување со отпадот коешто јавното претпријатие го врши, но исто така и заштита на животната средина“, посочи Јорданов.
Јорданов очекува сите овие активности да бидат завршени оваа есен, а посочи дека во рамки на програмите за нив се предвидени неколку милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет