Вкупно 26 нови забавни мелодии ќе се слушнат во двете вечери, кренато знамето на „Макфест“

Изведувачите на најслушаната песна од минатогодишното издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, Пајак и Лара, го кренаа фестивалското знаме и со тоа го означија почетокот на овогодинешното 38. издание. Во двете фестивалски вечери присутните ќе може да слушнат 26 новокомпонирани забавни мелодии, од кои 13 на првата вечер. Пет од тие 13, со гласање од публиката и седумчлено жири, ќе се слушнат и на втората вечер заедно со уште 13 нови.

„Немаме класична дебитантска вечер, затоа што поголем дел од учесниците на овогодинешниот Макфест буквално живеат и работат само музика и ние не можеме да ги класифицираме како дебитанти. На Фестивалот ќе има 26 новокомпонирани забавни мелодии кои ќе бидат претставени во двете фестивалски вечери“, вели Александар Арсовски, кој е дел од организацискиот тим.

Градоначалникот во име на Општина Штип како институција која е организатор на Фестивалот и уметничкиот директор, Роберт Саздов, посочија дека оваа година очекуваат да се надмине минатогодишниот интерес. Концептот изискувал многу подготовки, но денеска процесот е заокружен и сѐ е подготвено за вечерва.

„Се трудиме да создадеме нови вредности на Макфест коишто ќе го означат новото време со соодветни композиции коишто се прилагодени на модерното време и се надевам дека и оваа година ќе се планираат вистински хитови коишто ќе остават белег на ова време“, посочи градоначалникот, Иван Јорданов.

„Имаме оваа година многу добар избор на песни, имаме одлични изведувачи, и млади, и искусни, и таленти од сите возрасти. Имаме музика од сите жанрови, ќе биде одлично, тоа ви го ветувам, се надевам дека ќе го надминеме минатогодишното издание“, вели уметничкиот директор, Роберт Саздов.

А од минатогодишното издание на Фестивалот до денес, „Бела“ на Пајак и Лара остана убедливо најслушана композиција. За наградата ја истакнаа својата благодарност и посочија дека и оваа година очекуваат квалитетни композиции.

„Ние сме презадоволни и, навистина, огромна е честа што можеме да ја примиме наградата за најслушана песна. „Бела“ е песна којашто, навистина, стана хит не само во Македонија, туку и балкански хит. Благодарни сме што цела Македонија ни беше поддршка, македонскиот јазик се слушна и надвор. Ја проширивме нашата музика и стиховите од песната станаа фрази коишто беа препознатливи на социјалните мрежи“, велат Пајак и Лара.

Фестивалот „Макфест“ има нов концепт од минатата година. Се укинаа класичните прва, втора и трета награда, па годинава ќе се додели само наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала.

Ребека Спасова М-Нет