
Новата клиничка болница во Штип ќе биде приоритет, а понатаму ќе следи и реконструкција на тврдината Исар, булеварот „Партизанска“ и спортската сала „Џексон“, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Штип. Во рамките на кампањата „Важно е! Промените зависат од тебе“ тој денеска својата посета ја започна со средба со здравствените работници на која се дискутираше за состојбат во здравството.
„Се наоѓаме пред овој објект овдека којшто требаше многупати да биде завршен, за жал, не е, а тоа е Универзитетската клиничка болница во Штип, којашто ќе биде еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тоа е практично здравствена установа којашто опслужува околу половина милион луѓе. Разговаравме со здравствени работници коишто се дел од установите овде во регионот и во Штип, ги детектиравме проблемите со коишто се соочуваат. Тие проблеми не можат да се решат преку ноќ“, вели Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на годишно ниво од централниот буџет би се алоцирале 6 милиони евра за Штип како средства за капитални инвестиции, што би значело вкупно 24 милиони евра за развој на градот во четири години.
„Остануваме фокусирани исклучиво на проектниот менаџмент како да ја развиваме Македонија, а за да тоа биде прецизно, да не се случи како многупати во минатото, да има ветувања и да се кажува, а да не се испорачува, сега имаме спротивен пристап, односно пристап од темелите кон кровот, а тоа е прво да слушнеме, од тоа што ќе слушнеме да видиме што може да реализираме и во кој рок можеме. Многу ќе бидеме внимателни и ќе излеземе пред граѓаните со понуда, не сакаме да предизвикаме разочарување“, додава Мицкоски.
Мицкоски во Штип денеска остварува и средба со претставници од образовните инситуции и студенти, врши увид во врска со проектот за изградба на Обиколница, а ќе продолжи и на средба со граѓаните од населбата Железничка. Посетата ќе заврши со средба со граѓаните на малиот плоштад пред Стоковната куќа „Нама“.
Ребека Спасова М-Нет