
„На денешен ден првата пушка пукнала во Прилеп, втората во Куманово, а тука две пиперки пукнаа посни. Да ги почастиме Тренчевска и Станка, ама они мош не јадат посно. Ние и без зејтин ги направивме“ – велат пензионерите.
На масовен протест на плоштадот Слобода денеска излегоа штипските пензионери. Со ручек од посна пиперка без зејтин, и доручек вода и леб ја повикаа министерката Тренчевска да види како живеат тие.
Покачувањето од 600 денари за пензионерите е игра со нивните чувства. Додаваат дека за сопствените пари за кои работеле по 40 години денеска мора да бидат на улица. А децидни се дека со ова покачување не може да се преживее месецот, мора да бираат дали ќе купат храна и лекови, или ќе платат сметки.
„Видовме како си поиграа со нашите чувства и ни покачија по 600 денари. Со која свест и душа, Тренчевска дали вие имате жал? Погледнете ги овие напатни пенизонери, со нарушено здравје,да се влечкаме, да доаѓаме и да протестираме за нашите пари. Тоа се наши пари, одвоени од нашите грбови, работевме по 40 години, а вие нашите пари не ни ги давате“ – потенцираат тие,.
Пензионерите остануваат со истите барања, линеарно покачување на пензиите и услогласување на минималните пензии. Децидни се дека протестите продолжуваат и истите ќе се радикализираат.

„Се знае по којзнае колкупати кажавме 5000 денари линеарно и минимална пензија од 18000 денари.“ -додаваат пензионерите.
И овојпат повикаа на масовност оти како што велат само на тој начин може да се исполнат нивните барања.
Инаку, до крајот на месецот треба да се знаат конкретните предлози од министерствот за решавање на проблемите на пензионерите.
Лаура Стојанова М-Нет