Тренчевска: Нема линеарно зголемување на пензиите, треба да се одржи стабилноста на Фондот

Линеарно покачување на пензиите нема да има, пресече министерката Тренчевска. Таа посочи дека меѓу мерките кои се креираат не е и барањето за линеарно зголемување, бидејќи тоа, според неа, не е во полза на сите пензионери. Сегашната методологија, вели таа, дава резултат, а за година и половина пензиите се зголемени за 24% или над 3.000 денари.

„Меѓу тие мерки нема линеарно зголемување, затоа што линеарното зголемување не оди во прилог на сите пензионери. Со новата методологија, само за година и пол, најниската пензија е покачена речиси 3.200 денари, а согласно со растот на пензиите ќе се применува и понатаму новата методологија и ќе се оди со она што е законско решение сега, во моментот. Ќе имаме мерки коишто ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери коишто се со ниски пензии“, рече Тренчевска.

Пензионерите и понатаму може да протестираат, бидејќи тоа е нивно право, додава Тренчевска. Сепак, мерките кои се креираат треба да бидат во насока на одржување на стабилноста на Фондот, а за помош на оние со најниски пензии. Таа потсети дека од 2017 година работат на намалување на дефицитот на Фондот за пензиско осигурување за да не се наруши неговата стабилност. Од 2017 година кога дефицитот изнесувал 47%, успеале да го намалат на 33%, колку што изнесува сега.

„Легитимно е да се протестира. Ова е демократска Влада и секако дека ќе продолжиме и понатаму да разговараме со пензионерите, меѓутоа не за линеарно покачување. Како Влада и Министерство мора да водиме сметка и за стабилноста на пензискиот систем. Секое нереално покачување на пензијата и трошење на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значи дека ќе ја доведеме во несигурност исплатата на пензиите на сите 336.000 пензионери“, додава Тренчевска.

Тренчевска, сепак, потврдува дека пензиите, особено најниските, не се доволни. Покачувањето на пензиите, кои беа исплатени вчера, од 5,3% значи зголемување од 700 денари за оние со најниски пензии, и нешто повеќе од 3.500 денари за оние со највисоки.

Ребека Спасова М-Нет