
Вработените во Министерството за внатрешни работи денеска добија за 10% повисоки плати. Министерот, Оливер Спасовски, посочи дека од 2016 година досега се реализирани пет покачувања на платата за сите вработени во Министерството.
„Со посебно задоволство можам да кажам дека од 2016 досега реализиравме 5 покачувања на платата за сите вработени во МВР, и тоа во 2016, 2019, 2022 за 5%, во март 2023 линеарно зголемување во бруто износ од 3.086 ден, а согласно измените во Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кои основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува за 10%, сите вработени во МВР со исплатата на платата за месец септември, добија 10% зголемена плата. Дополнително, во 2019, за првпат од 1991, за 4.821 униформирани вработени, со зголемување за 10 и 20 на бодовите на плата само за работната позиција „полицаец“, се овозможи издвојување на основната категорија Е и Ж работна позиција помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени.“ – напиша Спасовски.
Во овој период имало и четири дополнителни покачувања за одредени категории работни места, додава тој. Повисоките плати, според Спасовски, се решение кое е резултат на дијалогот и соработката со Македонскиот полициски синдикат.
„Покрај ова, во 2020 година постигнавме зголемување на основна компонента на плата во висина од 20% и 30 %, во зависност од сложеноста на работа, за вработените во Одделот за информатика и телекомуникации, а во 2022, заради усогласување со Законот за минимална плата, вработените во МВР кои не се овластени добија покачување со платата за месец март и тоа за сите работни места, а истовремено ги зголемивме платите на вработените во Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика и во ИПА Одделението, со што се спречи одлив на вработени од овие организациски единици.“ – додава Спасовски.
Освен ова, пишува Спасовски, реализирана е исплата на шест бонус плати за вработените во МВР, и тоа од 2017, кога бил исплатен износ од 46 милиони денари на 1.819 вработени, па до 2022 година, кога бил исплатен износ од речиси 205 милиони денари на 5.791 вработен.
Ребека Спасова М-Нет