
Распишан е тендерот за колекторската цевка во населба Железничка, која треба да го реши проблемот со канализационата мрежа во оваа населба. Планираниот рок за завршување на двете фази од ваквиот проект е до крајот на годинава, а инвестициската вредност ќе се знае по завршувањето на тендерот.
„Општина Штип заврши со реализација на првата фаза од проектот за изведба на канализациона линија во населбата Железничка и веќе започнуваме со втората фаза од овој проект, а тоа е изведба на главен колектор којшто ќе се однесува за населбата Железничка и Индустриската зона во тој дел од градот. Општина Штип планира овој проект да го заврши до крајот на оваа година и со истиот ќе го решиме деценискиот проблем којшто го имаат жителите со фекалната канализација во населба Железничка“, вели Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип.
Станува збор за долгогодишен проблем во оваа населба, а со проектов, вели Шорова-Ангелова, ќе им се излезе во пресрет и на физичките и на правните лица.
„Овој проект Општина Штип го поседува веќе неколку години, меѓутоа Општината оваа година се фокусираше на тоа да го реализира и да го реши проблемот којшто го имаат жителите на населбата Железничка и затоа успеавме да реализираме најголем дел од проектот, односно две фази со цел да ги надминеме проблемите со којшто се соочуваа и физичките и правните лица“, додава Шорова-Ангелова.
Активностите на терен во оваа населба започнаа пред еден месец, со што стотина домаќинства од оваа населба се приклучуваат на фекалната канализација. Тогаш беше посочено дека проектот е вреден околу 30 милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет