Вториот пешадиски баталјон во штипската касарна „Јане Сандански“ го одбележа Денот на единицата

Со воена свеченост припадниците на 2. пешадиски баталјон во составот на 1. пешадиска бригада го одбележаа 17 септември – Денот на единицата, ден кога е формирана 14. младинско-македонска народноослободителна ударна бригада во 1944 година, во беровското село Митрашинци. На свеченоста по пречекот на военото знаме на 2. пешадиски баталјон, следеа пригодните говори. Потполновникот Сумрачки, командант на 2. пешадиски баталјон, се наврати на почетоците на Бригадата од 1944 година, посочувајќи го Баталјонот и неговите припадници како горди наследници.

„Ние припадниците од 2. пешадиски баталјон сме горди што ги продолжуваме традициите и вредностите на славната 14. бригада. Горди сме што сме припадници на Армијата, што го носиме аманетот на нашите предци, бранејќи ја татковината и почитувајќи ги различностите. Денес нашата единица претставува воена сила достојна за почит, професионално и пожртвувано ги извршува сите поставени задачи, единица која храбро се справува со сите предизвици на денешницата, притоа секогаш сме подготвени да ја оствариме мисијата, при што наш врвен приоритет е градење и одржување висок степен на борбена готовност и способност за брза реакција во различни ситуации“, рече во својот говор потполковник Зоран Сумрачки, командант на 2. пешадиски баталјон.

Командантот на првата пешадиска бригада, пак, потенцираше дека во третата година од членството во НАТО потребна е многу поголема модернизација на капацитетите на Армијата. Посочи оти до крајот на оваа и следната година обуката и учеството на домашни и меѓународни вежби ќе биде еден од приоритетите на Единицата.

„Како никогаш досега ја препознаваме потребата од подобрување и обновување на одбранбените капацитети и способности. Во свет кој бргу се менува, високиот степен на борбена готовност е темелот на нашиот успех. Мора да се прилагодиме на новите закони, да ги прифатиме новите технологии и постојано да се обучуваме, а со цел одржување највисоко ниво на борбена готовност. Нашата способност за брз и одлучен одговор на каква била закана е од клучно значење за заштитата на мирот и безбедноста на нашата држава и нашите сојузници“, посочи бригаден генерал Сашко Лафчиски, командант на првата пешадиска бригада.

Пред воената свеченост, а по повод одбележувањето, беше положено и свежо цвеќе пред спомен обележјето „Македонија“ на влезот од касарната „Јане Сандански“. Присуствуваа претставници од СВР Штип и ТППЕ Штип, градононачалникот на Општина Штип и директорите на двете јавни претпријатија, претставници на Сојузот на борци, поранешни команданти, пензионираи припадници од единицата и останати гости.

Ребека Спасова М-Нет