По работниците, од текстилниот сектор заминуваат и нарачките од странските партнери

По работниците, од текстилниот сектор си заминуваат и нарачките од странските партнери. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека никој не знае зошто се случува ова, но додава дека странските партнери нарачките ги носат во земјите од Далечниот Исток. Минатата година македонските компании имаа голем притисок од странските компании кои сакаа да произведуваат на европскиот континент, но ги одбиваа поради недостигот на работници.

„Јас разговарам со многу мои колеги и се случува нешто лошо, падна побарувачката, а никој не знае од што се случува тоа. По корона-кризата сите европски брендови се залагаа да работат во близина и затоа имавме страшни притисоци за барање нови капацитети. Лани сум имал, можеби, 20 понуди за нови капацитети кои сум ги одбил, затоа што сум немал доволно работници да ги исполнам тие барања. И Бугарија, и Србија, и Македонија се судрија со проблем за недостиг на работници и сите тие ги одбиваа ваквите понуди од европските брендови. Моја претпоставка е дека заради тоа, големите европски брендови отидоа на Далечниот Исток. На пример, нашиот партнер целата роба што ние не можевме да ја сработиме ја однесе во Бангладеш“, вели Димитров.

Во однос на недостигот на работници, Димитров вели дека зголемувањето на квотата за дозвола на работа на странци е неминовно. Недостиг на работници има во речиси сите сектори, градежништво, земјоделство, текстилство, па постоечката квота се полни за половина година. Димитров подвлече дека без разлика дали сакаме да признаеме или не, без увоз на странска работна сила сме осудени на пропаст.

„Нашата квота е до средината на јуни веќе исполнета, што значи дека за половина година веќе сме ја исполниле квотата, не толку во текстилот, таму има мал број на такви работници, но особено во градежништвото. Во Македонија немаме градежни работници, нешто што може да се заврши за три месеца се работи за три години“, додава Димитров.

Вицепремиерот Битиќи најави дека од септември се планираат законски измени за зголемување на квотата на работни дозволи за странци, која се очекува од 5.000 да се зголеми на 10.000.

Ребека Спасова М-Нет