Виничките села ќе добијат ренконструирани улици до крајот на годината, најави градоначалникот Петков

Виничките села ќе добијат неколку нови улици, најави градоначалникот, Миле Петков. Тој посочи дека нови две улици ќе има во Блатец и Јакимово, а подготвена е документација и за преостанатите 2,5 километри од локалниот пат Блатец – Детлово. Проекти за изградба и реконструкција на улици се подготвуваат и за селата Лески, Липец, Пекљани и Трсино.

„Во село Блатец се изградени две улици, а дополнително имаме изработено проектна документација за уште една улица. Во завршна фаза е и изградбата на локалниот пат Блатец – Детлово во должина од 3 километри којшто е веќе асфалтиран. За преостанатите 2,5 километри веќе имаме изработено комплетна градежно-техничка документација. Во село Јакимово имаме изградено пешачка патека на влезот од селото и имаме изработено комплетна документација за изградба на една улица, којашто во наредниот период ќе биде реализирана“, вели Петков.

До крајот на годината Липец ќе добие и канализациона мрежа, во Истибања ќе се поплочат уште две улици, а за Виничка Кршла е планирана изградба на пристапен пат до земјоделски површини.

„Во село Истибања имаме поплочено една улица, а во наредните денови планираме да биде извршено поплочување на уште две улици и реконструкција на центарот во селото. Имаме склучено договор за пристапен пат до земјоделски површини во село Виничка Кршла којшто очекувам да биде завршен до крајот на годината“, најави Петков.

Петков посочи дека е изработена проектна документација и за реконструкција на улиците „Славчо Стојменски“ и „Страшо Пинџур“ во Виница, а во тек е изработка на проектна документација за реконструкција на улиците „Раде Кончар“, „Стив Наумов“, „Климент Охридски“, дел од улицата „4. Македонска бригада“, „Иво Лола Рибар“ и „Македонска“, по што истите ќе бидат реалзирани.

Ребека Спасова М-Нет