
Прво за да даде свој придонес, а потоа и за да искористи некои од палетата алатки на програмирањето, штипјанецот Дарко Ефремов одлучува да го креира мобилниот веб-сајт за општинскиот линиски превоз. Пред камерата на М-Нет Телевизија вели дека ја поддржува идејата за градскиот превоз и од таа причина одлучил да го приближи до услугата која ја имаат поголемите градови, а тоа е мобилна апликација.
„По сите поголеми градови, по сите европски центри има функционален јавен градски превоз и доколку ги немаат тие апликации би било многу тешко да се најде правилната рута за местото каде што сакаме да стигнеме. Тоа е едната причина, а другата чисто заради мене, за јас да испробам некои нови работи и да видам дали ќе функционираат така како што замислувам“, вели Ефремов.
Со кликнување на веб-сајтот се добива информација за станиците, линиите и времето во кое поминуваат автобусите. Користењето е едноставно, а многу полезно за патниците кои го користат градскиот превоз.
„Најпрвин треба да ја посетиме страницата jps.mk, тоа не е апликација што треба да се инсталира од „Гугл Плеј“ или „Ап Стор“, тоа е само веб-сајт. Тука треба да си ја избереме посакуваната линија или можеме и да пребараме станици коишто нѐ интересираат. На пример, ако сакам да отидам до Дузлак, ќе напишам Дузлак и така ќе ги видам сите линии коишто одат до таму. Откако ќе ја избереме линијата, ние имаме детален преглед на сите станици од кои минува таа линија и времето кога ќе биде таму“, додава Ефремов.
Следење на автобусите, користење на повеќе јазици – апликацијата може да понуди и други опции за патниците, меѓутоа Ефремов вели дека таа понатаму треба да се надградува согласно со потребите на патниците. За нејзино надоградување, пак, вели потребни се и повеќе информации од институциите, односно од ЈП „Стипион“.
„Беше околу 100 – 150 до пладне, што не се многу посети на веб-сајт, но ако земеме предвид дека тие луѓе во поединечни автобуси полнат два – три автобуси е значителна бројка. Не велам дека 100 луѓе се качиле во автобусите, ама добиле информација за тие автобуси, така што така се подига и свеста дека постое такво нешто. Наредните идеи се врз база на тоа што е потребно од луѓето, што бараат. Има многу идеи за следење на локацијата на автобусите, за повеќе јазици. Некои ми побараа и да може да си ја избере станицата и да види кои линии минуваат таму“, заклучува Ефремов.
Ефремов вели дека програмирањето за него е алатка за изразување. Ако некој има решение за некој проблем, вели, со програмирањето лесно може да се испита дали тоа решение ќе функционира. Можноста да се прават промени во функционирањето го дозволува и развојот на целокупниот продукт.
Ребека Спасова М-Нет