
Килограм свинско место поскапе за 30 – 40 денари, па во продавница не може да се најде по цена пониска од 350 денари. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Серафимов, вели дека и покрај тоа што за такво нешто кај нас немало потреба, се следат трендовите на светските берзи.
„Цената на свинското месо е покачена од петокот за околу 40 денари. Покачена е затоа што се покачи и на светските берзи, на европско ниво. Меѓутоа, кај нас не требаше да се покачи цената на свинското месо, затоа што кај нас многу евтино ги откупија јачменот и пченицата за исхрана на свињите, струјата е намалена, немаме некои покачени трошоци. Сепак, се следат трендовите, најблиску е Србија и велат дека на светско ниво има недостиг на месо, па според тоа се покачи цената и кај нас“, вели Серафимов.
Дел од штипјани, пак, сѐ уште не ја воочиле повисоката цена на свинското месо, но стравуваат дека него ќе го нема доволно во следниов период.
Серафимов, пак, вели дека не се заканува недостиг на месо поради болеста африканска чума кај свињите. Потенцира дека истата не е опасност за луѓето, туку се пренесува само од животни на животни. Вели оти доволно свежо свинско месо ќе има.
„Ние го задоволуваме пазарот со свежо свинско месо речиси 100%, дури остануваше и еден дел за преработка. Сега, можеби, нема да има месо за преработка, меѓутоа за свежо свинско месо ќе има во моментов, па ќе видиме. Најверојатно, ќе се зголеми и бројот на одгледувачите, ќе се надокнади на еден начин“, додава Серафимов.
Дека во производството на домашно свежо месо ќе се почувствува мал недостаток, претходно рече и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, ама посочи дека македонскиот пазар ќе го изгуби само вишокот на свинско месо.
Ребека Спасова М-Нет