
Дињата и лубеницата на пазарите стапнаа како овошја со цени од најмалку 70 денари. Речиси по слична цена се продава и во маркетите. Прво доцна се појавија, а во однос на цените од недела во недела нешто се менуваше, па стигнаа и до 35 и 20 денари за килограм, но дури на крајот од летото. Ваквата состојба, велат земјоделците, се должи на повисоките трошоци, но пред сѐ на недоволното производство поради неповолните временски услови.
Но и тоа производство што го има, не се продава во полн ек, велат продавачите. Што поради цената, што поради примања, овие летни овошја годинава и не беа во полн сјај, додаваат продавачите, па ретко кој ги купи, за разлика од годините наназад кога се знаеше дека во лето се купуваат диња и лубеница.
А сепак, диња и лубеница, е добро да се консумира. Експертите потсетуваат дека консумирањето овошје и зеленчук е поврзано со намалувањето на здравствените ризици предизвикани од лошите навики. Истражувањата укажуваат на тоа дека со редовно консумирање на производи, како што е дињата, се намалува ризикот од дебелина, дијабетес и кардиоваскуларни болести.
Дека цените растат покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика. Според истите, индексот на цените во земјоделството во јули 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година, кај инпутот е намален за 4.3 %, а кај аутпутот се бележи зголемување од 16.2 %. Намалување има и на откупот, и тоа за 2,1% и продажбата за 4,5%. Продажбата на овошје е намалена за значителни 38,2%.
Ребека Спасова М-Нет