Воспоставување ред во такси превозот, најави Јорданов, веќе има Одлука за бела боја на возилата

Ред во такси превозот, кој сѐ и како ќе може да превезува патници, најави градоначалникот Јорданов по воведувањето на автобускиот превоз во Штип. Тој при вчерашната презентација на градскиот линиски превоз, напомена оти истиот ќе изискува регулирање на такси превозот и со тоа еднаш засекогаш да се стави крај на нередот во истиот, а што повеќе патници да користат автобус.

„За почеток ќе гравитираат, односно ќе се обраќаат шест линии, но како ќе ја нотираме потребата на граѓаните, така ќе ги зголемуваме релациите и линиите сѐ со цел да што е можно поголем број граѓани го користат јавниот градски превоз и конечно да се стави ред во сообраќајниот хаос којшто последователно со години се случува. Сигурно дека по воспоставувањето на јавниот градски превоз ќе има потреба и за регулирање на такси превозот, на такси услугите, да се стави еднаш засекогаш ред кој може да бидат такси превозници, на кој начин да се прави тоа, а, нормално, за сите сограѓани да имаме повластени цени за да го користат јавниот превоз“, истакна Јорданов.

А Советот на Општина Штип уште на претходната седница правеше извесни измени во однос на Одлуката за авто-такси превоз на патници, како и правилникот за начинот на обележување, опремување и користење на такси-станиците во општина Штип. На триесет и третата седница, во месец јули, според Одлуката која е излезена и во Службен гласник на Општина Штип, предниот и задниот капак, односно хаубата и гепекот, на такси-возилата повеќе не треба да се во жолта боја, туку во бела. Исклучок од ова се возилата кои имаат важечки извод од лиценца за авто-такси превоз на патници и тоа сѐ до истекот на важноста на изводот од лиценцата за авто-такси возилото.

Ребека Спасова М-Нет