Болеста африканска чума кај свињите потврдена во одгледувалиште во делчевско Тработивиште

Болеста африканска чума кај свињите потврдена во одгледувалиште во делчевско Тработивиште. Екипи на Агенцијата за храна и ветеринарство преземаат контролни и заштитни мерки во однос на болеста врз основа на епидемиолошката состојба и добиените лабораториски наоди од Ветеринарниот институт со кои е потврдено присуство на болеста во едно одгледувалиште со пет животни во населеното место Тработивиште, општина Делчево.

„Во текот на вчерашниот ден екипи на АХВ, од надлежното ветеринарно друштво и од локалната самоуправа спроведуваа мерки за контрола и спречување на ширење на болеста – еутаназија на заболените животни и нивно нештетно отстранување од одгледувалиштето каде е потврдена болеста како и од контактните одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болест, освен во комерцијалните фарми кои се категоризирани со низок ризик. Спроведени се и мерки за епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а во тек е попис и идентификација на сите свињи во одгледувалиштата, нештетно отстранување и уништување на опремата која не може да се дезинфицира, како и на слама, храна и шталско ѓубре. Под надзор на официјален ветеринар се спроведуваат и мерки за чистење и дезинфекција на опремата и возилата.“- велат од АХВ.

Како што додадоа од АХВ, на сила е забраната за чување свињи на отворено и забраната за движење и превоз на свињи во и од зоната, освен кога се носат во одобрена кланица за колење. Попис и регистрација ќе се спроведе и за свињите во одгледувалиштата во зоната под надзор каде исто е забрането чување свињи на отворено, движење и превоз во и од зоната освен кога се движат во одобрена кланица за колење.

Ребека Спасова М-Нет