
Седумнаесеткратните европски прваци и тим кој настапувал во Пекинг, Шангај, Карибите, вчеравечер пристигна и во Штип. Со својата кореографија, но и уникатните униформи хрватските мажоретки го привлекоа интересот на штипската јавност откако продефилираа по штипските улици. Главниот виновник за организацијата се војничките врски на раководителот на ансамблот на мажоретките од Загреб и штипскиот лекар Сашо Ценов.
„Моја голема желба беше да направиме еден настап во Штип, пред сѐ заради мојот голем пријател Сашо Ценов, кој го немам видено 24 години. Си реков, ако одиме на турнеја во Грција, ќе застанеме во Штип и ќе имаме настап. Јас сум многу врзан за Штип, служев војска овде и тоа е еден град кој го доживувам многу убаво. Дефилето беше многу добро и дури имаше доста луѓе“, вели Ален Шќуриц, раководител на ансамблот.
Да се биде дел од хрватските мажоретки е искуство за цел живот кое никогаш не се заборава, вели членка на ансабмлот. Задоволни се од гостопримството и градот Штип, од каде заминуваат на турнеја во Грција.
„Она што го изведовме ние се вика дефиле по градот, играме различни комбинации. Потоа одигравме четири комбинации од постарата сениорска категорија и две кореографии од јуниорската категорија. Мажоретките се еден посебен спорт, повеќе примери на пријателства имаше досега, се создаваат за цел живот. Последниот пат во Мексико бевме на венчавка на една наша бивша мажоретка, на која кума ѝ беше исто така бивша мажоретка. Навистина е посебно, се создаваат пријателства, можам да кажам и семејство“, вели Мартина Шќуриц, мажоретка.
Дека станува збор за исклучително професионален тим, потврдува и нивниот раководител. Со себе сите носат квалитетни искуства, уште од првата година на своето постоење, кога и почнале да настапуваат на настани на важни институции.
„Тоа е тим кој е европски првак, морате да знаете дека тоа е професионален тим, девојки кои се платени за таа работа. За разлика од некои други тимови мажоретки во Европа, ние имаме возрасни девојки и сме професионалци, настапуваме на сите настани на институциите во Хрватска, па и Европа, светски и европски првенства, апсолутно сите најголеми настани. Без нас ништо не може да се организира во Загреб, натпревари на хрватскиот фудбалски клуб „Динамо“, Хрватската фудбалска федерација, настани на хрватската војска, имаме многу настапи“, додава Ален Шќуриц.
Тимот на загребските мажоретки има околу 200 настапи на годишно ниво, а повеќе од 20 пати билe прваци на државно хрватско првенство и седумнаесет пати европски прваци.
Ребека Спасова М-Нет