
Случајот со говорот на омраза и насилство на социјалните мрежи денеска во Полициска станица го пријави и штипјанецот Зоран Мијалков, самохран родител на две деца со аутизам. Во видео-порака на својот „фејсбук“-профил, Мијалков вели оти вчера го повикал лицето да ги запознае неговите деца, но наместо, како што вели Мијалков, да се покае, тој продолжил со навредите и заканите. Порачува дека иако има доживеано многу нешта, борбата за децата и возрасните со посебни потреби, инвалидитет или ретка болест никогаш нема да запре.
„Со години ми се случува, и закани, и автомобилот ми го кршеа, и демек од работа ќе ми дале отказ, а единствено што правам е тоа што се борам за моите деца и сите други деца со посебни потреби, инвалидитет или ретка болест. Жално што е и вчера сакав шанса да му дадам, да се покае, да се извини и го поканив на гости да се запознае со мене и децата, за да виде колку греши со тоа што го напишал. Но за жал не се кае. Затоа што не само моите деца, туку сите деца се навредени. Денеска одам повторно во полиција и се надевам дека инспекторот ќе биде таму, за да го пријавам“, вели Мијалков во видео-пораката.
Првата пријава за случајов пристигна од Првата детска амбасада „Меѓаши“ до МВР и Одделот за компјутерски криминал по основ на ширење говор на омраза и насилство на социјалните мрежи, за што е предвидена казна затвор од една до пет години. Втората пријава од Мијалков е пристигната денеска до СВР Штип, потврдија од таму, велејќи дека интензивно работат на расчистување на целиот случај.
Таткото на двете деца со аутизам, кој на штипската јавност и е познат како голем борец и грижлив родител на социјалните мрежи доби голема поддршка, а граѓаните и граѓанските активисти бараат од институциите санкции за лицето кое продолжува со ксенофибичните и расистички пораки, но и закани.
Ребека Спасова М-Нет