Јавноста згрозена од говорот на омраза упатен до штипјанецот Зоран Мијалков и децата со аутизам

Мета на расистички и ксенофобични напади беше штипјанецот Зоран Мијалков, познат граѓански активист и самохран татко на две деца со аутизам. Триесет и петгодишниот Р.С. и од Вевчани со пораките на социјалната мрежа „фејсбук“ ја згрози македонската јавност, со тоа што напиша дека децата со аутизам треба да се извор на човечки органи и се терет на државата. Мијалков вели дека не му е првпат да се соочи со лице кое нема емпатија кон децата со посебни потреби и случајот денеска ќе го пријави во полиција. Вчера за ова реагираше и првата детска амбасада „Меѓаши“.

„Овие пораки не го погодуваат само него лично како родител, туку и сите родители на децата со атипичен развој. Во врска со овој случај „Меѓаши“ реагираше до МВР и Одделот за компјутерски криминал против ширење говор на омраза и насилство преку социјалните медиуми согласно со член 394 од КЗ“, истакна Клементина Добревска од Првата детска амбасада.

Србакоски се соочува со казна затвор од една до пет години. МВР денеска потврдија дека пријавата од „Меѓаши“ е пристигната и кусо одговорија дека веќе работат на случајот. Од Меѓаши се упати и апел родителите да ги пријавуваат ваквите случаи.

„За жал лицата со попречености во најголем број случаи се мета на напади по социјалните мрежи, но се жртви на стеротипните предрасуди заради нивната попреченост и на терен, односно каде и да се во околината. Затоа апелираме да се свестат и младите, доколку се наоѓаат во иста или слична ситуација да се обратат на телефонот кој е достапен 24/7 за да може навремено да пријавиме до институциите и со тоа да ја намалиме дискриминацијата и да го спречиме ширењето на говор на омраза“, додава Добревска.

Мијалков кој сам се грижи за своите деца вчера доби силна поддршка од граѓаните и граѓанските активисти. Голем број на случаи во кои се линчуваат родителите и децата со посебни потреби завршуваат без да се пријават, а сторителите остануваат неказнети и продолжуваат со ширење говор на омраза.

Ребека Спасова М-Нет