Вкупно 40 средношколци од кочанските училишта ќе се обучуваат за пожарникари-волонтери

Вкупно 40 ученика од двете средни училишта во Кочани ќе бидат обучувани за пожарникари-волонтери. Носител на проектот е ДПД Кочани, а во истиот се вклучени и Црвениот крст и ТППЕ Кочани. Целта е да бидат формирани две работни групи со по 20 ученика од средните училишта „Гошо Викентиев“ и „Љупчо Сантов“, кои ќе бидат избрани преку интерен оглас, а кои ќе треба да се стекнат со вештини за гаснење пожар, како и превенција од пожари и други елементарни непогоди.

„Сакаме да ја зголемиме подготвеноста на овие млади луѓе, но исто така сакаме и да ги поттикнеме да бидат волонтери, да членуваат во едно вакво друштво. Идејата за овој проект се јави од тоа дека пожарникарството како професија кај нас е прилично несериозно сфатена професија од останатите, затоа работиме на целокупно подигање на јавната свест за пожарникарството како професија, која во светот е на многу повисоко ниво“, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД Кочани.

Во рамки на проектот ќе се спроведуваат практични и теоретски обуки и работилници. Првиот дел ќе вклучува едукација за гаснење пожар, вториот дел подигање на целокупната јавна свест за заштита од пожари, а во фокусот на третиот дел ќе бидат еко-акциите. На крајот ќе се организира и натпревар на знаења.

„Од страна на Црвениот крст ќе ни укажат на сите несакани последици до кои може да дојде при гаснењето и заштитата и превенцијата на пожари, а тука ќе бидат и пожарникарите од ТППЕ Кочани кои ќе ни кажат за тоа какви видови пожари постојат и како се справуваме со нив. Нема да изостанат ни еко-акциите. Предвидовме чистење на локации на Пониква, каде ќе бидат поставени и табли со порака за заштита и превенција од пожари. За крај предвидовме натпревар помеѓу учениците, кој ќе биде теоретски и практичен“, додава Илијев.

Крајната цел е по обуката, средношколците да станат членови на ДПД Кочани и со тоа да се зајакнат противпожарните капацитети во Кочани. Илијев смета дека друштвото треба да има млади членови и на тој начин да се популаризира пожарникарската професија. Обуката трае шест месеца, од 15 август до 15 февруари.

Ребека Спасова М-Нет