
Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност денес да уживаат во директниот пренос од соочување на ланскиот прволигаш Скопје и амбициозниот Детонит Плачковица во меч од 2. коло од Втората македонска фудбалска лига.
На „Железарница“ во Автокоманда ќе се соочат две екипи кои силно атакуваат на трите бодови. „Пиратите“ го вратија Љупчо Марковски – Калц на тренерското столче и посакуваат „кам-бек“ во Првата лига, а од друга страна на „Железарница“ ќе гостува екипата од Радовиш која оваа сезона има високи цели односно да ги напаѓа местата кои водат во Првата лига.
Токму тоа и го прави овој натпревар да биде дерби во кое двете екипи ќе атакуваат на целиот „плен“. Скопје сезоната ја отвори со реми во Македонска Каменица каде ремизираше со Каменица Саса играјќи 1:1, а пак Детонит Плачковица тргна со минимална победа од 1:0 над повратникот Вардар од Неготино.
Од една страна имаме искусен тренер кој долги години го водеше Скопје во разни предизвици, а од друга страна имаме млад тренер кој лани имаше одлична полусезона со Детонит Плачковица завршувајќи ја сезоната на високото 5. место, веднаш зад Воска Спорт, Гостивар и Вардар кои се нови прволигаши, како и Пелистер, кој и оваа сезона ќе биде главен конкурент за Првата лига.
Варадиновски има квалитетен тим и во Автокоманда ќе оди по три бодови со најдобриот состав, а Калц ќе биде пред предизвик да ги израдува „пиратите“ со прво сезонско славје.
Правдата ќе ја дели прилепчанецот Кирил Смоквоски, а преносот од натпреварот на телевизија М Нет ќе започне во 17 часот.