
Обновено и модерно спортско игралиште доби и селото Долни Балван. Истото вчеравечер беше и официјално пуштено за употреба, а вклучува можност за играње кошарка и мал фудбал. Игралиштето е веднаш до училиштето, со што ќе биде на услуга на учениците, но како што истакна градоначалникот, Виктор Паунов, ќе биде и можност за спорт и рекреација на сите жители од ова населено место.
„Официјално го пуштаме во употреба новото спортско игралиште коешто беше предмет на реконструкција и обнова во изминатиов период. Се работи за едно од трите игралишта коишто се реконструираа во изминатиов период. Долни Балван за првпат добива едно вакво модерно спортско игралиште со модерна тартан подлога и нови реквизити и содржини. Очекувам дека младите ќе го искористат, а ние како Локална самоуправа ќе продолжиме да работиме во подобрување на условите за спорт и рекреација“, истакна Паунов.
Во рамки на овој проект, вклучени се и две детски игралишта, а досега вакво игралиште добија и Карбинци и Крупиште. Паунов додаде дека Општината ќе продолжи да ги подобрува условите за спорт и рекреација во населените места на територија на општина Карбинци.
„Прво вакво игралиште од сличен вид доби село Карбинци, ново игралиште доби и селото Крупиште во минатата година, ова е трето игралиште од ваков тип, покрај оние две детски игралишта кои исто така се веќе завршени. Ние оттука ќе продолжиме и во останатите населени места да реконструираме, да обновуваме или да градиме нови вакви спортски терени сѐ со цел да ги поттикнеме младите. Наше е да ги обезбедиме условите, а на младите да спортуваат“, додаде Паунов.
Овој проект, кој вклучува вкупно три игралишта во населените места Карбинци, Таринци и Долни Балван, е во вредност од 5 милиони денари. Станува збор за чист проект на Општината, односно со пари обезбедени од општинскиот Буџет.
Ребека Спасова М-Нет