Изгаснат пожарот кај кочанско Соколарци, го гаснеа три авиона и два хеликоптера

Изгаснат пожарот кој вчера беснееше кај селото Соколарци, Општина Чешиново Облешево. Десет часа пожарникари од Кочани, Штип и Свети Николе, доброволци од ДПД Кочани, екипи од Нaционални шуми, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување се бореа со пламените јазици кои се приближуваа до манастирот „Свети Ѓорѓи“ и куќи и бачила кои беа во непосредна близина на линијата на пожарот.

Командирот на кочанската ТППЕ, Драган Апостолов, соопшти дека оганот зафатил сува трева и нискостеблеста шума и со ветерот брзо се ширел кон селото Соколарци, па по стручна процена била побарана помош од воздухоплови. Интервенцијата со авиони и хеликоптери помогнала пожарот да се локализира. Претседателот на ДПД Кочани, Златко Илијев, истакна дека и покрај ветерот и непредвидливоста на оганот, пожарот е изгаснат.

„Вчера по повикот за интервенции, ДПД излезе на терен со едно возило и 7 доброволци. Покасно се интервенираше со уште едно возило и тројца доброволци и веќе во 17 часот дојде и третат екипа. На терен имаше помош од Штип и Свети Николе, и вкупно интервениравме со 40 пожарникари и седум возила. Оганот беше непредвидлив, гореше на повеќе на места, а се ширеше и во неколку правци. Но, за среќа околу 20 часот огнот беше ставен под контрола и беше ликвидиран.“ – вели Илијев.

Пожарот се гасеше со трите авиона „ертрактори“ на ДЗС и два хеликоптера на МВР кои во 32 наврати исфрлија повеќе од 56 тони вода. Ноќта огнени јазици имало и кон злетовското село Бунеш, кон Свиланово и Рајчани и истите ги контролирала екипа, која утринава била повлечена. Од ТППЕ Кочани повторно апелираа до граѓаните да не се движат во шума и повикаа на совесно и внимателно однесување со огнот, затоа што штетите од пожарите носат опасност по здравјето на целото население.

Лаура Стојанова М-Нет